Иако патувањето во група може да биде мошне пријатно искуство, доволно е само еден член од групата да се однесува непристојно и неприфатливо за другите па да се расипе расположението и целокупното искуство на сите од групата. Затоа, секој кој патува во група треба да биде свесен дека има важна улога и дека може да придонесе на крајот од патувањето да се понесат само убави спомени.
Заедничко искуство
Кога се патува во група вообичаено е да има заедничка цел или интерес кој ќе ги обединува сите. Ова може да биде некое хоби, спорт, културен настан или некоја друга причина од интерес на групата. Се разбира, тоа може и да биде едноставно заради тоа што патувањето заедно е најбезбедна и најекономична опција.
При групното патување неопходно е барем за момент да ги оставите на страна своите лични потреби и да бидете свесни за потребите на другите, затоа што во спротивно, кога вие или целата група се однесува невнимателно, се создава непријатна ситуација кога членовите од групата не се чувствуваат како дел од неа.
Ограничувања
Иако групното патување може да биде пријатно искуство, кое ќе ги прошири хоризонтите на индивидуата, исто така може да биде и ограничувачко. Патувањето во група има многу ограничувања, како правење паузи кога немате потреба за тоа, па се до напорите да се
социјализирате со непознати луѓе и одржување на севкупното добро расположение. Групното патување исто така побарува секој член од групата на некој начин да даде позитивен придонес во севкупното заедничко доживување. Повеќекратните застанувања се ограничени со време и додека ова не може да се избегне, вие можете да придонесете во одржувањето на доброто расположение и позитивниот став на групата.
Водач на групата
Важно е секогаш и во секакви услови да останете љубезни кон личноста која е одговорна или ја води групата. Ова може да биде тур-оператор, домаќин, возач или друга личност одговорна за групата. Без услугите и водството на оваа личност групната екскурзија не би можела да се изведе, па затоа препорачливо е да бидете од помош и секогаш спремни да и излезете во пресрет на таа личност. Не заборавајте да искажете благодарност за советите и помошта на водичот на групата. Исто така, важно е да се однесувате со почит кон околината - не фрлајте отпадоци и не се однесувајте непристојно.
Што е прифатливо, а што не
Користете ја смислата за хумор за да ја разбиете непотребната тензија помеѓу членовите на групата. Понекогаш некои мали недоразбирања можат да ескалираат во нешто посериозно, заради неможноста да се погледне на ситуацијата од смешната страна, иако, важно е да се напомене дека треба добро да се процени ситуацијата пред да се прават шеги на сметка на тоа.
Секогаш бидете љубезни, внимателни и однесувајте се со почит кон другите. Однесувајте се кон другите онака како што би сакале тие да се однесуваат со вас. Никогаш немојте да навредувате, да досадувате и да немате почит кон личниот простор на другите.
Одржувањето на личната хигиена треба да ви биде приоритет постојано, уште повеќе доколку патувате како дел од група. Доколку другите луѓе се чувствуваат непријатно заради вашата лоша хигиена, тоа нема да ви донесе многу пријатели.
Не предизвикувајте напнати ситуации со жалење, постојано негодување и потребата да се биде постојано во право и да се слушне вашиот глас. Кога сте дел од групата потрудете се да се однесувате како дел од неа во сите ситуации.