fbpx

СКИЈАТОС

Скијатос (грчки: Σκιάθος) е грчки остров што се наоѓа во Егејското Море. Скијатос е најзападниот дел од групата Северни Споради. Неговата вкупна површина е 48 километри квадратни, а брегот има вкупна должина од 44 километри.

Иако се работи за мал остров, Скијатос е исклучително популарна туристичка дестинација. Внатрешноста на островот е составена од главно ридски подрачја, прекриени со густа борова шума, којашто е одлична за прошетки; додека на брегот се наоаѓаат 60 уникатни плажи, кои туристите доаѓаат и ги посетуваат повеќепати. Скијатос е еден од ретките грчки острови што го задржал старото име. Се претпоставува дека потекнува од зборот "skia" што значи сенка, а ова веројатно се должи на фактот што островот лежи во сенката на планината Пелион.


Градови и села
Единствената вистинска населба на овој остров е малото гратче Скијатос. Сите останати населби се туристички одморалишта со многу хотели и организирани плажи. ГрадотСкијатос е граден во форма на амфитеатар, на југо-источниот дел од истоимениот остров, во залив во којшто нема ветрови. Она што прво се забележува се едноставните бели куќи, покриени со ќерамиди и тесните улички меѓу нив.

Градот Скијатос има бурна историја. Од антиката па сѐ до византискиот период, тој бил постојано населен. Штом започнале војните во овој период, населението го напуштило и побарало засолниште во тврдината Кастро. На почетокот на 19 век, тврдината била напуштена, а градот одново населен. За време на Втората светска војна, германските бомбардери ги срушиле речиси сите градби, па она што денес постои е новоградба. Во поствоената ера, речиси целото население на островот е концентрирано во гратчето.
Историја

Во антички времиња, островот Скијатос одиграл помала улога во Персиските војни. Во 480 г.п.н.е флотата на Ксеркс I била погодена од бура и потешко оштетена на карпите на брегот од Скијатос. Тоа го искористиле грчките сили да ги блокираат поморските приоди до местото за да спречат поморска инвазија. Тоа довело до славната битка на огромната персијска војска со 300 Спартанци коишто давале отпор кај Термиполе. На крајот Персијците биле победени една година подоцна кај Саламис. Во 200 г.п.н.е. градот бил уништен од Филип V Македонски.

Превоз
Во просек, островот Скијатос има широчина од само 6 километри и е одличен за оние коишто сакаат да пешачат на нивниот одмор, затоа што во еден ден може неколкупати да се сврти целиот остров. За оние што не сакаат да пешачат, постојат повеќе алтернативи. На островот имаавтобуска мрежа што ги поврзува сите плажи. Сите автобуски линии тргнуваат од градот Скијатос, автобусите се редовни (на секои 15 до 20 минути преку ден), а билетите чинат од едно до едно и пол евро во зависност од дестинацијата. Такси превозот исто така многу лесно се наоѓа, но секогаш договорете ја цената однапред, за да не се изненадите непријатно по крајот на возењето. Доколку сакате да повикате такси по телефон, тоа ќе Ве чини дополнителни 2 евра. За поголем временски период (десетина дена) најдобра опција за превоз е да си изнајмите автомобил или пак скутер. Цените се пристапни, но внимателно одберете ја компанијата од кадешто ќе изнајмувате. Цената нека не Ви биде пресуден фактор, доколку не сакате да заглавите со неисправно возило. На Скијатос има одлично развиена мрежа заводен транспорт. Воопшто нема да имате проблеми со пронаоѓањето чамци за панорамско разгледување, такси на вода или пак бротчиња за прошетки до соседните острови.

Места кои треба да се посетат
Музеј-куќата „Пападиамантис“

Овој интересен музеј се наоѓа непосредно до пристаништето во градот Скијатос. Мебелот и сите детали во куќата се зачувани онакви какви што биле при крајот на животот на славниот грчки писател Александрос Пападиамантис, којшто е роден на островот и најголем дел од својот творечки живот го минал токму во оваа куќа.

Замокот Кастро

Замокот Кастро е голема карпа во морето, полуостров на којшто некогаш се наоаѓал средновековниот град Скијатос. Оттаму иамте панорамски полед на сегашниот град, а дотаму се стигнува за еден час со автомобил или со бродски превоз.

Бурци

Ова е мал полуостров што го дели заливот на два дела. Во еден период тој бил заокружен со ѕидини и фортификации за поморска одбрана, а во денешно време има густи борови насади.

Старото пристаниште

Старото пристаниште се наоѓа помеѓу Бурци и Акрополис и тоа служело како пристаниште уште од антички времиња. Денес, таму се закотвени малите рибарски чамци, туристичките бротчиња и неколку јахти. Но, пристаништето е преполно со таверни, ресторани и барови. Вечерните прошетки по старото пристаниште знаат да бидат навистина романтични и незаборавни.

Цркви и манастири

Секако, доколку сакате да дојдете во контакт со парче од историјата и духовноста на овој дел од светот, не смеете да ги заобиколите манастирите и црквите на островот. Најпознати манастири се: Панагиа Иконистра и Евагелисмос Теотоку; а најпознати црвки: Агиа Анастасиа, Агиа Николаос и црквата на Исус.

Што да правите на Скијатос?
Овој остров, иако мал, овозможува соодветна забава за сечиј вкус. Доколку сакате мирен одмор, можете да си одберете некоја од попразните плажи од вкупно 60 коишто Ви се на располагање и да уживате во мирот и погледот во морето. Ако пак сакате поактивен и повозбудлив одмор, можете да одберете некоја од бројните активности што Ви се нудат на поголемите плажи. Постојат клубови за водени спортови, нуркање, тенис, јавање коњи, итн. Доколку и тоа не Ви е доволно, можете да заминете на еднодневна екскурзија до соседните острови Скопелос и Алонисос или дури и до Атина или Метеори. Превозот до овие дестинации е редовен и одлично организиран.

На Скијатос има и доста развиен ноќен живот, за љубителите на забави, којшто е најинтензивен во екот на сезоната. На островот има голем број дискотеки (во најголем дел лоцирани на така наречената "Disco Strip"), а рестораните и баровите што работат до доцна во ноќта се претежно лоцирани на "Bar Street".
Храна и пијалаци
Рестораните, баровите и таверните на Скијатос нудат најразлични јадења и пијалаци, почнувајќи од интернационалните, преку специфични медитерански кујни, завршувајќи со традиционалната грчка кујна. Островот не е познат по некој специфичен специјалитет, но во секое време можете да си купите одлична пита со сирење што традиционално се подготвува на блискиот остров Скопелос. Постојат повеќе видови слатки што ги подготвуваат локалните жители, кои можете да ги купите од продавачите што шетаат по пристаништата и плажите.

Прочитано 9183 пати

КОНТАКТ

  • 11-ти Октомври бр. 13, 1400 Велес

ОТВОРЕТЕ ЈА НАШАТА
А ОДБЕРЕТЕ ЈА ВАШАТА СТРАНА ЗА ПАТУВАЊЕ !!!

Работно време

Пролет 2024

Понеделник - петок 09.00 - 19.00

Сабота 09.00-14.45

Top